Перун

Од Metapedia
Прејди на: содржини, барај
Перун

Перун е бог на молњата и врховниот бог во словенската митологија. Бил асоциран со планините, дабот, орлите, како и со оружјата и војната.

Етимологија

Името Перун доаѓа од индо-европскиот корен перк, што значи удира (од истиот корен доаѓа и зборот перкусија). Наставката -ун го означува извршителот на дејството, па така Перун би значело оној кој удира.

Освен Перун, тој е наречен Пјорун (Piorun) во Полска, а сличен бог може да се најде помеѓу Балтичките народи како Перкунас, а кај Финците богот Уко уште се вика Перкеле.

Името на Перун останало и во голем број топоними како Перуновац, Перуни Врх, Перуничка Глава и други. Најголем дел од овие претставуваат планини (Перун бил асоциран со планините), но во средниот век одредени дабови, шуми и села биле наречени Перун. Перуниката исто така го добива името по Перун.

Извори

Од сите словенски богови, најмногу историски извори има за Перун. Првпат се спомнува во De Bellum Gothicum на Прокопиј, каде што пишува дека јужните словени веруваат дека има еден бог, создавачот на громовите, кој владее над сите други богови. Неговото име не е изнесено во текстот, но самиот факт дека во некои словенски јазици самото име Перун еволуирало во збор за молњата е доволен доказ дека се мисли на овој бог.

За првпат името на Перун се спомнува во Хрониката на Нестор. Во неа, Русите даваат заклетва пред Перун и Велес. Имено, ако ја прекршат заклетвата, тие веруваат дека ќе бидат казнети од овие богови. Велес казнува со смрт од болест, а Перун ја претпочита војната како начин на казнување.